loading...

ЃОНИЈА

Атанас Вангелов

Loading...

Кој вели дека нашата современа литература има малку (или никаква) врска со тоа што ни се случува, што не тревожи и тормози? Кој вели дека таа се затворила во кула од слонова коска без прозорци со „панѕури“ (Д. Михајловски), во која се задушува и бавно умира? Можеби и се затворила, ама се затворила просечната и лоша литература. А просечна и лоша литератрура е, по правило, онаа (туку ја тргам настрана полуписмената или слабо писмената литертура од функционална гледна точка) која многу повеќе се грижи за тоа „како“ (форма) се прави литература, а многу помалку за тоа „што“ (содржина) прави литература како составка без која не се може. Се знае: нема добра литература само со „како“ а без „што.“ Или, само со „што“, а без „како.“.
Литературата е „како“ (форма) и „што“ (содржина) истовремено. Формата на литературата мора да биде „о-смислена“, како што нејзината содржина мора да биде “о-формена“ (Старделов). Добар пример за тоа дека нашата литература е жива и делотворна, дека извира од „живиот живот“ (Митрев) по кој копнее и кому му се восхитува, а го пердаши како заскитан вол во бафча зелки, дека будно бдее над тоа што ни се случува, што нè тревожи и тормози е литературата на писателот Драги Михајловски. Неговата литература зборува директно за тој „жив живот“, а зборува од прва, без влакна на јазикот, неретко остро и отровно. Отров се нејзините иронии и сарказами (шекспировски?) Носечки столб, душа на таа литература е поимот „ѓонија.“ Може да се споредува со носечкиот столб – прст на судбината во античката драмска (mimesis) и епска (diegesis) поезија.
Добро објаснение за изразот ѓонија може да се најде во книгата „Мојот Скендербеј“ (2007) на писателот Драги Михајловски, еден од ретките во нашата современа литература кој на духовит, јасен, уметнички убедлив но и не помалку оригинален начин зборува за наши луѓе од нашето време. Или, како што секако би рекол Димитар Митрев кога би бил жив: Михајловски е „полнокрвен писател“ кој на свој „мајсторски начин доаѓа до универазлното преку локалното.“ По тие свои одлики умтничката проза на Михајловски може (и треба!) да се опише како „ангажирана литература“ во изворната смисла на таа одредба, предложена и образложена во капиталната расправа „Што е литературата?“ (1948) на еден од најзначајните писатели на 20-ти век Жан Пол-Сартр.
Како писателот на „Мојот Скендербеј“ ја објаснува смислата на изразот „ѓонија“? Се работи, вели тој, за израз со максимум битолски колорит кој по кус и впечатлив начин опишува појави во кои локомотивата на животот искокнува од шините по кои забрефтано јурела, за да се струполи во длабока пропаст. „Ѓонија“ е, уточнува Михајловски, „прав агол“; таа е „чудна споредба за рамнотежа кај битолчани“; ѓонија е тоа што „ќе ви го наоблачи приватното, привремено ведро небо со тешки, тучни, темни облачишта.“(7).
Taa ѓонија трупа “тучни, темни облачишта“ не само по небото на конкретни луѓе од обичниот сив, анонимен свет за кој зборува прозата на Михајловски. Таа трупа „облачишта“ и по небото на апстрактен свет каков што е оној на народ или нација. Зошто? Затоа што некоја „ѓонија“ со сила и моќ да ја извади од шини локомотивата на животот на цел народ или нација, на свој начин го моделира животот на секоја конкретна единка. Кон тие модалитети единките покажуваат отпори кои влегуваат во регистерот реакции. Отпорите-реакции завршуваат со очај. Тие се залудни и стерилни. Единката не може ништо против тоа што и е (било) наложено. Од таа немоќ извира нејзинот очај (ресантимен). Немоќта ја доживува како колективна судбина над која нема власт.
Треба тука веднаш да се додаде дека тие два света се истовремено во игра во прозата на Михајловска и токму по тоа неговата проза е – „ангажирана“. Михајловски зборува за конкретни луѓе и за апстрактен ентитети по начин по кој го прават тоа талентираните (и големи) писатели. Животната драма на неговите сиви, анонимни и обични луѓе почнува со некоја „ѓонија“ како онаа од расказот „Верник“ (27-35). Миха Тамила, главниот јунак на тој расказ, мисли дека човек е должен да му биде верен на начелото љубов, но не и на конкретен партнер од крв и месо во кој се вљубил: “љубовта не ја изневерував! Важно беше нејзе да и се остане верен, а не на субјктот низ кој таа крткотрајно се покажува“ (33). Така доаѓаме до уште една, не помалку важна карактеристика на онаа „ѓонија“ на Драги Михајловски без која не може да се замисли античката драмска и епска поезија, а за која Аристотел го смисли изразот anаgnorisis: заблуда, сторено зло од и во незнаење, непрепознавање или трагична грешка.
Во што се состои заблудата, стореното зло во незнаење на оној веќе спомнат Миха Тамила од „Верник“ на неговата книга “Мојот Скендербеј“? Тој Миха ги меша категориите генерелно и генеричко, општо и посебно, конкретно и апстрактно. Тој мисли дека апстрактното (идеја, вредност) му е надредено на конкретното-материјално од крв и месо. Тој вели дека со право ја изневерил својата Ерменка затоа што не можел да го изневери начелото љубов. Иако, како што би рекол Ками, ниеднаш не му паднало на ум барем еднаш да појде в кревет со тоа апстрактно начело – љубов. Ако ништо друго, барем од љубопитност: да се обиде да дознае какво е задоволството од љубовта со апстрактно начело (духовна вредност) за да може, потоа, да ги споредува тие две работи. Затоа што никогаш не му паднала на ум таква мисла на Миха Тамила, со право треба да се заклучи дека тој бара по секоја цена оправдание за својата изневера кон неговата конкретна Ерменка, а и го наоѓа. Бара оправдание за да преживее некако, затоа што изневерата му вади душа низ нос: “се гадев од себеси кога и се колнев на Ерменката дека ја сакам“ (33).
Претпоставувам дека веќе се прашувате каква врска има писателот Драги Михајловски со тоа што го пишувам во „Плусинфо“ и во “Слободен печат“. Одговорам веднаш: врската е во оној величествен “Скендербеј“ на Драги Михајловски кој се појави на светлото на денот многу пред оној во бронза на левата страна од Вардар кој му го подигна Али Ахмети со неговата ДУИ. Од своја страна, тој бронзен Скендербег на Ахмети има своја (барем според мене) улога во раѓањето на бронзениот Александар Македонски во самото срце во Скопје. Но и на татка му Филип II со мајка му Олимпија близу бронзата на Скендербег чија главна работа, со оглед на неговата местоположба, се состои во тоа – да го фрла во сенка, да го засенува тој Скендербег на Ахмети. Ќе објаснам – како.

loading...
Close
WpCoderX