loading...

Кој ќе го разбере негo, ја разбрал Русија. Кој е Грегориј Распутин, човекот од кого стравувале сите руски цареви

“Чувствивам дека нема жив да го дочекам јануари. Ако бидам убиен од обични завереници, некој од моите браќа селани, нема за што да се грижите и ќе владете уште сто години. Но, ако умрам од рака на некој од благородниците на царскиот двор, блиски до царското семејство, никој од вашите деца ниту роднини нема да живее подолго од две години. Ќе бидете убиени од страна на рускиот народ. Јас не се плашам бидејќи ја знам својата судбина, и не се гледам веќе себеси меѓу живите.“ (Григориј Распутин)

Неговото име е познато, тој е мит, но неговата мисија и магија – не. Малкумина имале моќ да предизвикаат промени со историски траги, а да не биле генијални научници, богаташи, војсководци или владетели. Григориј Јефимивич Распитин е еден од нив.

loading...

Да се рече: да, Распутин е женкар, неодговорен развратник и љубовник на кнегињи и дворски дами, е стереотип. Сознание без знаење. Не, тој не е руска верзија на Ѓакомо Казанова од Венеција, иако и Казанова е многу повеќе од љубимец на жените.

     Распутин е дел од руската историја. Мистик, царски советник и волшебник.

Околу него се судирале племствата на рускиот двор, и се доведувала во прашање моќта на руската црква во државата, и меѓу народот. За едните бил божји пратеник, прв по Исус, за вторите измамник и пробисвет, ѓавол кој се појавил во Русија како казна заради немаралот меѓу руските владетели.

Според вториве, и неговото презиме Распутин го покажувало тоа, што на руски има значење како раскуќник, неморален и неодговорен човек. Токму поради таа симболика и озоборувањата, руската царица му го сменила презимето во друго, подостоинствено според нејзиниот германски благороднички вкус, го прекрстила во Григориј Јефимович.

Ако е само женкар и измамник – зошто станал мит. Измамници, особено на царските дворови имало многу но, ниту еден не станал легенда која трае повеќе од еден век. Сепак, по се изгледа, Распутин бил поинаков. Нешто многу повеќе од тоа. Уште со неговата прва појава во рускиот јавен живот бил заблежан како лик кој носи промени, ја вознемирува јавноста и има иницијатива врз настаните околу себе.

Рускиот монах Илирион го опишал во својата книга “Светиот ѓавол“ како измамник кој има парапсихолошка моќ на делување и убедување, кој употребува хипноза при манипулација со луѓето, и дека таквите особини го одвеле до царскиот двор каде влијаел врз владеењето на цела Русија. Вакви констатции дал и учителот на царските деца, швајцарецот Пјер Жилиар, а му се придружила и сестрата на царот Николај Втори, кнегињата Елисавета Романова, како и кнегињата Олга Олденбург. Особено гневен во озборувањето на Распутин бил кнезот Феликс Јусупов, човекот кој ќе му стави крај.

Стереотипот за лошиот Распутин особено се шири по Октомврската револуција во 1917, и убиството на царското семејство Романови. Новите власти зборувале дека постоењето на Распутин и неговото влијание биле доказ за неспособноста на царската власт која не умеела да се заштити ни од измамници како Распутин за кој болшевиците сметале дека преку манипулации и сексуални врски со царицата, но и други моќни жени на дворот, успевал да влијае на севкупната царска политика во Русија.

Алексеј Толстој, внук на големиот Лав Толстој, по неговото враќање во Русија во 1923 година (тогаш веќе држава на Советскиот сојуз) напишал и драма под наслов “Завера на царицата“, посветен на Распутин. Во драмата Толстој вели дека Распутин бил лошиот кој сакал да го искористи своето влијание за да организира државен преврат со кој би бил соборен рускиот цар Николај Втори, а власта на престолот би ја преземала неговата сопруга, царицата Александра. Оваа теза е постара од наведената драмска претстава, потекнува од завереничката група на спомнатиот кнез Феликс Јусупов.

Во делото нема ниту еден историски факт, ниту доказ за оваие тврдења. А. Толстој бил пропагандист на Сталин кој од него во 1941 година добил и награда за делата посветени на Петар Велики и царот Иван Грозни. Во таквата приказна недостасува основната нишка, фактот дека токму царот Николај Втори Романов можел на Распутин да му овозможи висока положба во општетсвото. Без Николај, ни Распутин неможел да биде тоа што бил.

А дека бил многу повеќе од љубовник на дворските дами покажува и објавената збирка на говори и изреки на Распутин под наслов “Побожни медитации“, која е меѓу најчитаните во Русија, и често анализирана и цитирана во Европа последниве децении.

Од друга страна, за Распутин пишувала и неговата прва сојузничка, дворската дама Ана Вирубова, која го запознала со другите од царското племство, како и епископот Теофан кој најмногу му помогнал во неговото искачување до царските врвови. Во книгата “Распутин и жените“ авторот Рене Милер ги препознава итрината, чудесната моќ на сугестија врз луѓето, развратот и сексуалноста која не се штедела но, и монашката мистика која Распутин ја носел во себе, како и невидената енергија која ја трошел за да биде постојано присутен и влијателен, вклучително и на дворот.

Во сегашната Русија, митот за Распутин добива нови димензии. Од приврзаниците на Руската црква тој е опишуван како инструмент на Масоните кои, преку неговата моќ, вршеле влијание врз руското царство, што е теза на Олег Палтонов и историчарот Козлов.

И за оние кои го оспоруваат, и за другите кои го обожуваат, Распутин е легенда, мистик, владетел од сенка и освојувач на човечките души. Разликата меѓу овие две страни е дали својата моќ ја употребувал за руските интереси, или само за лично задоволство.

Се чини најблиску до вистината за животот на Распутин е историчарот Едвард Радзински кој подолго од деценија истражувал архиви на царската полиција, изјави и документи на негови современици, податоци од истрага на руската државна комисија, како и на болшевичката тајна полиција, земјаќи ги во предвид и податоците од книгата “Житие на Свети Григорие“, напишана од самиот Распутин, како негова автобиографија. Неговиот живот, особено на рускиот двор, е исполнет со пикантерии и тајни кои се привлечни за јавноста, но тој бил и дел од руската власт во важно време, времиња на војни и освојувања, руски порази и уривање на вековното руско царство…. настани кои го менувале светот. Неговата улога во тие настани е директна и влијателна.

Затоа, кој е Григориј Распутин.

Роден е во селото Покровскоје, во околината на Тјумен, прв руски град во Сибир основан уште од царот Фјодор Први. Според црковните книги датумот на неговото раѓање е 10. јануари 1869 година, во средина која била нагласено сурова и насилна, живот во кој тешко се опстанувало. Според интервју кое Распутин го дал за американскиот новинар М. Мењишков, а кое е објавено во Њу тајмс во 1912 година, самиот Распутин за себе вели дека во младоста бил повлечен, посветен на религијата и неразбран од околината поради што сонувал да отпатува и побара одговори на своите прашања на друго место.

Документите на тајната полиција и државната комисија од 1917 година, како и сведочењата на соселаните од Покровское зборуваат за Распутин како момче кое било прилично своеглаво, неодговорно и често пијано. Пиел многу, сведочеле тие, дури и со мерки за пијанство кои кај сибирските Руси се прилично толерантни и растегливи.

Но, и во тие документи, како и во раскажувањата на неговите современици Хвостов, Жуковскаја и Џанамунова  забележително е дека уште како млад Григориј Јефимович Распутин имал невообичаено продорни и сугестивни очи, влијателен и силен поглед кој ретко кој можел да го издржи врз себе без да се сврти на друга страна, или да му се покори. Таа хипнотичка моќ, развратноста и пијанството биле причина што во неговото родно Покровскоје го нарекувале Лудиот Гришка.

Распутин бил женет со Параскева Фјодоровна, од блиското село Дубровноје. Живееле заедно со родителите на Распутин, Јефим и Ана, имале три ќерки и два сина и, според податоците на комисијата, во тоа време никој во нивниот дом не бил писмен. Но, исто така пишува и дека Распутин покажувал посветнеост кон побожноста.

Работел како кочијаш, и понекогаш го возел Мелетиј Зборовски, тогаш студент по богословија, а потоа епископ и ректор на богословијата во градот Томск. При тие средби Распутин покажал интерес за библиските теми за што разговарал со Зборовски, собирајќи од него сознанија за кои сметал дека се негово просветлување, и одбивал да ги слуша проповедите на локалниот селски свештеник, патувајќи повремено по околните манастири за таму да побара нови одговори за неговата религиозна посветеност.

Религијата во руските манастири, во тоа доба, била нагласено практикувана со толкувања на споредби и примери во секојдневниот живот, и се чини таа магичност и врска помеѓу божјите проповеди и рускиот селанец во него создала самоверување дека е пророк, човек кој може да се разбере и комуницира со Бог, и да ги осознава настаните и појавите околу себе на поинаков, божји начин кој ги надминува човечките разбирања.

 Распутин верувал дека е пророк, божји гласник со посебна мисија.

Но, во неговото село немале разбирање за неговата мисија, се уште во него гледале пијаница, ситен арамија и неодговорен, развратен комшија. Затоа, заминал. Тргнал по околните манастири да служи на својата мисија, и да се среќава со други ходочасници, а најчесто престојувал во манастирот Свети Никола, во Веркотурје. Посветеноста кон религијата и аскетизмот на Распутин ги надминувале и искуствата на монасите. Бил гледан како чуден и настран човек за кого дел од монасите верувале дека е припадник на екстремната православна секта, во Русија наречена Хлиста.

Патувал, се среќавал со луѓе по околните села и проповедал во друштво на неколкумина кои тој ги претставувал како монаси и три жени, монахињи, од кои две биле негови роднини – Евдокија и Екатерина Печјаркина. Заедно со нив во групата биле неговите соселани од Покровское – Николај Распопов, Иља Аронов, како и неговиот роднина Николај Распутин.

Исклучитеноста на неговата појава и однесување кај некои поттикнале сомневања во неговиот здрав разум но, кај други предизвикало интерес кон неговата мистиката, особено кон неговите претскажувања за кои верувале дека во неколку случаи се покажале како издржани и вистинити. Гласот за чудниот и до изнемоштеност посветениот монах Распутин се ширел наоколу, и наскоро неговото име станало познато низ Русија.

Гласините за Распутин стасале и до учениот свештеник Теофан, во тоа време инспектор на теолошкиот факултет во Петерсбург (Петроград), престолнината на Русија. Распутин се соочил со голема опасност, со можност за осуда од црквата.

За да се разбре оваа опасност, треба да се знаат околностите во кои Распутин и неговите следбеници се појавиле, и каква пресуда им се заканувала. Во времето кога власта во Русија ја имал Петар Велики (1672-1725), тој се погрижил за ограничување и намалување на влијанието на дотогаш моќната Руска црква која често имала приговори на неговите реформски зафати. Петар Велики ги искористил веќе постојните црковни поделби на московскиот Патријарх Никон, кој во 1663. наметнал нови правила според старогрчката црква, и предизвикал поделби на старогрчки и словенски приврзаници на службата. Дел од монасите и свештениците кои не се согласувале со новата подредена положба кон Петар Велики се одделиле, биле потиснати на север во Сибир, и делувале како секта – приврзаници на Староверна црква, наречени секта Хлиста. Биле прогонувани и уништувани од царските власти, во соработка со службената Руска црква.

Во времето кога Григориј Распутин бил млад на чело на Руската црква бил големиот прокуратор Константин Победоносцев. Него на чело на црквата го поставил тогашниот цар Александар Трети, кој и самиот бил нагласено побожен владетел кој избрал лидер на црквата согласно своите потреби, а далеку од потребите на рускиот народ.

Во такви услови на отуѓеност од своите верници Руската црква се соочила со честа појава на секти кои имале подобри контакти и разбирање за секојдневните проблеми на руските селани, и со своите проповеди и дела привлекувале приврзаници околу себе. Опасноста дека групата на Григориј Распутин е една од тие секти била сериозна закана за него. Особено заради мистичноста со која движењето и делувањето биле покриени, и озборувањата дека групата практикува пагански магични ритуали и сексуални односи и оргии на кои учествувале и некои граѓани и благородници од Петроград.

Во 1903 година црковниот суд, теолошкиот конзисториум на богословијата во Тобол, отворил истрага. Биле сослушани сите од групата, како и други кои биле присутни на собирите и учењата во мистичната подземна капела на Распутин во подрумите на манастирот во Покровско но, истражителот заклучил дека нема основ за обвинение.

Продолжете со читање ТУКА

loading...
loading...
Close
WpCoderX