loading...

ПО ДОБИВАЊЕ НА ТЕНДЕРОТ ОД 30 МИЛИОНИ ЕВРА, ГАЗДА ЅИНГО ГО ОДВРЗА КЕСЕТО СО ПО НЕКОЈА ИЛЈАДАРКА НА ДОБРА ПЕСНА

Ако деновиве е актуелен во јавноста по тврдењата на одредени медиуми дека добил тендер вреден 30.570.000 евра од Министерството за земјоделство за изградба на браната „Речани” на Оризарска река во кочанскиот крај, бизнисменот и политичар Љубисав Иванов – Ѕинго, помеѓу естрадните кругови е актуелен по нешто сосема друго, кое што не е поврзано со бизнис зделки и политика.

Имено, со години наназад тој важи како голем љубител на изворните народни песни, па фолк пејачките на чии што настапи бил присутен го опишуваат како гостин пред кого им е мерак да пејат. Така на пример, пред извесен период, за време на забава во хотел ,,Кратис’’ – Кратово, Ѕинго и неговото весело друштво ги забавувала фолк пејачката Ани Малинкова. Тогаш таа ни изјави дека Љубисав не е од оние политичари кои што само ,,вратат’’ со марамчето, туку знаел и да го одврзе ќесето и да даде некоја илјадарка кога ќе му ја погодат песната.

loading...

 

,,Фотографиите со Ѕинго се направени во Кратово, на забава. Како што може да се види, атмосферата беше доста загреана, а негова омилена песна која што ја испеав неколку пати беше ,,Мајка на Марика’’. Нормално дека летна и некоја илјадарка бакшиш, сите беа расположени. Но тоа не беше прв пат  да пејам пред некој политичар. Речиси и да нема некој пред кого што не сум пеела досега во мојата дваесет годишна кариера, листата е долга, Киро Глигоров, Никола Груевски, Љубе Бошкоски… Сите тие уживале во моите песни на разни манифестации, но и на приватни забави. Имало ситуации кога не се штедело ќесето, но не се штеделе и комплиментите. Сепак, се работи за политичари, тие се умерени во се, и најчести комплименти кои што сум добивала од нив се -„Браво, Одлично, Нај, нај си, Со задоволство те слушаме, и слично’’-  раскажува за Фокус фолкерката по потекло од Кавадарци, која долги години живее во Скопје.

Инаку, љубителот на добра фолк музика, Ѕинго деновиве се најде во центарот на вниманието откако НОВА ТВ пишуваше дека фирмата „Силекс неметали“ од Кратово го доби тендерот вреден 30.570.000 евра од Министерството за земјоделство за изградба на браната „Речани” на Оризарска река во кочанскиот крај. Договорот е објавен вчера на интернет страната на Јавни набавки, а е склучен во екот на изборната кампања на 9 декември. На тендерот се јавиле три фирми, а избрана е токму „Силекс неметали“.

Оваа компанија е фирма ќерка на „Рик Силекс“, каде мнозински сопственик е политичарот и бизнисменот Љубисав Иванов – Ѕинго. Тој е долгогодишен претседател на Социјалистичката партија, а министерот за земјоделство Михаил Цветков доаѓа од истата партија.

loading...
loading...
Close
WpCoderX