loading...

БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ: КИРО ГЛИГОРОВ Е ИСТОРИЈА КОЈА ЧЕКОРИ! ПОЧИВАЈ ВО МИР МОЈ ДРАГ УЧИТЕЛЕ

По повод 100 години од раѓањето на Глигоров, репринт на обраќањето на Бранко Црвенковски, на Комеморативната седница во Скопје, на 03.01.2012 година.

Драги пријатели, ценети гости, сите вие присутни почитувачи на Киро Глигоров и на неговото дело, што да се каже по еден ваков повод за еден ваков човек, а да не е премалку, да не е оскудно, да личи, да е соодветно и за личноста и за од неа оствареното.

loading...

Па само споменувањето на клучните историски настани во кои учествувал, само набројувањето на најодговорните должности што ги извршувал низ животот, би траело со часови. И пак нешто важно би се пропуштило.
Вистински и искрен македонски патриот

Киро Глигоров беше сам за себе историја што чекори, ем жив човек, ем споменик за цела една епоха.

Како никој друг со својата личност и придонес ги поврза двата столба на современата македонска државност – АСНОМ 1944 година и 8 септември 1991 година. Република Македонија, под лидерството на Киро Глигоров, се избори за својата независност и меѓународно признавање без војна и крвопролевање, единствена од сите републики на поранешна Југославија.

Па само ова е доволно да се стане мит, да се стане легенда. Се разбира, ако ние како народ знаеме да создаваме, да чуваме и почитуваме вистински митови.

Јас денес пред вас нема да ја препрочитувам биографијата на Киро Глигоров. Таа ни е на сите добро позната. Таа е таква и толкава што кој и да ја крати и скусува, пак ќе остане највпечатливата во современата македонска историја.

Јас денес сакам да говорам за Киро Глигоров онаков каков што јас го запознав во овие 20 години, со кој соработував и од кој учев. За Киро Глигоров кого го сакав и почитував како голем претседател и, што е за мене уште поважно, како голем човек.

Судбината одреди во почетокот на 90-тите Македонија да ги има најстариот претседател и најмладиот премиер во Европа. Киро честопати на шега ќе ми речеше: „Бранко, јас и ти заедно во просек сме тамам.“ Многу работи поминавме заедно. И добри и лоши моменти. Нè мачеа истите дилеми, заедно решававме тешки проблеми, донесувавме заеднички одлуки.

Дури и критиките и навредите што ни беа упатувани беа и се исти. Најчесто без каква било основа и логика. Затоа што Киро Глигоров беше вистински и искрен македонски патриот.

Го обвинуваа него, а и нас, дека референдумското прашање од 8 септември било југоносталгичарски формулирано. А мотивите беа сосема спротивни. Прашањето беше така поставено за референдумот со сигурност да успее и Македонија со сигурност да стане независна држава.

Го обвинуваа него, а и нас дека сме предавници и плашливци, затоа што сме дозволиле ЈНА да ја напушти Македонија со сето оружје и целокупната опрема. А неговиот одговор беше толку човечен и логичен: „Колку тенкови или камиони вреди еден човечки живот? Нема да дозволам за куп железо да ни гинат луѓето и да ни страда народот.“

Што е тоа: предавство или напротив вистински патриотизам? Храброст или плашливост?

Го обвинуваа и него, а и нас, дека сме направиле предавство со приемот во ООН под времената референца и со потпишувањето на времената спогодба со Грција. А единствениот избор пред кој бевме исправени во тоа време беше или членство под тие услови или да останеме недефинирана територија и лесен плен за балканските прекројувачи на граници.

Денес за најголем успех и победа се прогласува токму одбраната на таа времена спогодба пред меѓународниот суд во Хаг. Денес за крајна цел на нашата меѓународна политика се поставува приемот во НАТО и отпочнувањето на преговорите со ЕУ токму под таа референца.
„Нашиот народ знае што е влогот, ќе издржиме“

Киро Глигоров беше храбар човек. Затоа што вистинска храброст е да ја преземеш одговорноста и да донесуваш храбри и тешки одлуки, а не да ги одлагаш проблемите. А тој го правеше токму тоа, секогаш кога беше потребно.

Впрочем, има ли поголем доказ за патриотизмот и храброста, од фактот што на претседателот Глигоров му се случи атентат? Обид да му се одземе животот, не заради него, туку заради Македонија.

Киро Глигоров имаше огромна доверба во мудроста и решителноста на нашиот народ.

Се сеќавам на ситуацијата кога во 1993 година грчката влада донесе одлука да воведе ембарго на нашата јужна граница. А на север беа на сила санкциите спрема Србија и Црна Гора. Две од нашите четири граници беа целосно затворени и тоа единствените каде што имавме железничка линија и автопат. Веста ме затекна во Струмица, на разговор со стопанственици.

Веднаш се вратив во Скопје, на итна средба со претседателот Глигоров. „Претседателе, што правиме? Отсечени сме од светот? Ќе нема нафта, ќе нема лигнит, ќе нема транспорт, сè ќе застане?“ Загрижен, но мирен и спокоен каков само што тој можеше да биде во критични моменти, ми одговори: „Ќе биде тешко, ќе биде многу тешко! Ќе запрат многу фабрики, ќе останат многу луѓе без работа. Ама нашиот народ знае што е влогот, знае дека државата е во прашање. Биди сигурен дека ќе издржиме!“

И навистина, издржавме!


Демократ, човек за дијалог и толеранција

Киро Глигоров беше човек демократ, човек на политичкиот дијалог и толеранција. Не веруваше дека постои сериозен проблем што мора да се реши со сила и на сила, а не може да се реши со политички средства.

Тој не знаеше да нареди, тој знаеше да убеди.

Од него луѓето, кога ќе згрешеа, не се плашеа, туку се срамеа. Од средбите со него можевте да излезете со неприфатени барања, но секогаш со чувство дека сте докрај испочитувани. Имаше време за секого. Јас во животот немам сретнато друга личност со таква дарба трпеливо да слуша и да сослуша.

Претседателот Глигоров беше човек со визија за иднината на Македонија. Тој прв и тоа во периодот кога сите околу нас беа зафатени со национализам и војуваа заради историја и граници, ја промовираше и ја застапуваше идејата за наше интегрирање во Европската Унија и НАТО.

Киро Глигоров беше добар познавач на меѓународната политика. Беше свесен дека сме премногу мали да се спротивставиме на глобалните трендови и дека нашата шанса е благовремено да ги предвидиме и со умешна политика, максимално да ги амортизираме негативните, а валоризираме позитивните ефекти.

Во тоа време, како премиер, се сретнав со многу претседатели на држави и влади, со многубројни претставници на меѓународни организации. Верувајте, се чувствував горд како Македонец, како граѓанин на оваа земја кога слушав со каква почит и уважување говорат за нашиот претседател. За големиот претседател на една мала земја. За мојот претседател.

Киро Глигоров, основоположникот, архитектот, таткото на независна Република Македонија, во овие 20 години претрпе бројни неправди и жестоки удари. Знам дека некои од нив многу тешко му паѓаа.

Пред четири години бевме на прославата на неговиот 90-ти роденден, во потесен круг на неговите најблиски роднини и пријатели. Додека траеше дружбата, во еден момент се сврти и по малку тажно ме праша: „Бранко, зошто толку ме напаѓаат и ме навредуваат? Зарем толкави грешки имам направено?“

Да бидам искрен и ме изненади и ме погоди со прашањето. По малку на шега, а повеќе сериозно, му одговорив:

„Претседателе, вашата најголема грешка е што сте уште жив, а во Македонија и на Балканот живи херои и великани не се признаваат! Дури кога ќе ги изгубиме луѓето, стануваме свесни за нивните вистински вредности и им го наоѓаме правото место во историјата!“ Се насмеа и рече: „Ајде ќе видиме.“
Горди сме што те имавме, претседателе!

Е па мој драг претседателе, еве, од вчера повеќе не си меѓу нас, те изгубивме. Ајде да видиме. Да видиме дали сме луѓе и дали сме народ што знае да ги цени вистинските вредности и да ги испочитува вистинските херои, вистинските патриоти.

Дали имаме доблест и капацитет, не заради тебе, туку заради односот кон сопствената држава, да ти го најдеме вистинското место во историјата. Таму каде што припаѓаш, кај најголемите, кај великаните.

Биди убеден дека така ќе биде. Бидејќи како што ти ме учеше, овој народ е мудар народ, овој народ знае што е што и кој е кој.
Што се однесува до нас во Социјалдемократскиот сојуз, ти секогаш ќе бидеш број 1. Горди сме што те имавме во нашите редови, што делевме исти идеи, што водевме заеднички битки, што спроведувавме заеднички политики.

И сега нешто сосема лично,

Мој претседателе, ми беше чест што ве познавав, што ви помагав и соработував со вас. Ви благодарам на секој ваш совет, на поддршката што ми ја дававте и довербата што ја имавте во мене.

Се гордеам со сè што заедно постигнавме, со секој момент што заедно го поминавме.

Почивај во мир,

мој учителу,
мој пријателе,
мој драг претседателе!

loading...
loading...
Close
WpCoderX