loading...

(ВИДЕО) Измрзнат и изгладнет, Свето преживува во урнатини во Карпош

Извор А1он

Повеќе од една година во урнатините на месната заедница во Тафталиџе 1 на минусни температури, без греење и во катастрофални услови едвај преживува 69 годишниот бездомник Свето на кој му е потребна итна помош и здомување. Но наместо тоа овој беспомошен човек секојдневно е изложен на напади и понижувања.

– Од 2007 година сум без дом. Додека одам да барам храна, за мене и за животните, ми ја вадат постелнината и сите работи надвор, на снег или на дожд, и кога ќе се вратам ги внесувам внатре и преспивам на влажно, вели Свето за А1он.

Просторијата каде тој престојува од мај 2015 година била неколкупати намерно запалена со цел да се отсели, но тој вели дека нема каде да оди на друго место.

Како што рече Свето, освен соседите кои неколку пати му помогнале со малку храна и топла облека не добил никаква помош од никој друг. Тој не очекува државата и Град Скопје да го вдомат или пак да му пружат било каква помош.

Соседите велат дека ги известиле надлежните институции да го вдомат Свето додека не е предоцна, но од таму не добиваат никаков одговор веќе подолг период. Пред два дена најавувајќи го ладниот бран, градската власт најави дека ќе ги вдомува сите лица кои се без дом и живеат на улица.

Бездомниците немаат голем центар за вдомување, а неколкуте помали прифатилишта се преполни. Изгладнети и измрзнати тие можат само еднаш неделно да се избањаат во еден од центрите и еднаш дневно да јадат во црковните народни кујни.

И покрај средбата на градоначалникот Коце Трајановски со бездомниците и препораките да се најде престојувалиште за овие лица, Свето не е единствениот кој е приморан да се обиде да преживее на екстремно ладното време.

Close
WpCoderX