Платформа за спас на Груевски

Извор: Политикоблогија

Платформата на албанските партии ја исполнува својата цел токму во овие моменти кога ние разговараме за неа. Нејзината цел беше токму тоа- да предизвика дистракција. Со тоа, Платформата целосно се вклопува во долгогодишната стратегија на двоецот Груевски-Ахмети.

На сите ни е јасно дека секогаш кога ќе згусти ситуацијата во државата, Груевски и Ахмети успеваат да креираат некое сценарио- некогаш поостро, некогаш помеко- со кое ги подгреваат националистичките страсти и го пренасочуваат вниманието кон несуштинските теми. И ѓаволски добро им успева таа тактика на Груевски и Ахмети да го опсипуваат народот со имагинативното и со тоа да го натераат да не се занимава со фактичкото. Како да им велат ,,Немојте да се занимавате со секојдневното, занимавајте се исклучиво со вечното.’’ И така поважно станува да се вее албанското знаме на Денот на албанското знаме, отколку нашите сограѓани Албанци да имаат канализација и патишта. За нашите сограѓани од источна Македонија, пак, се чини дека поважно е да се одбрани името, отколку да се одбрани сегашноста и иднината. На едните им трубат дека не е важно тоа што немаат услови за живот, важно е што го имаат Скендербег. На другите им се сервира дека не е важно тоа што немаат услови за живот, важно е тоа што го имаме Александар на Букефал. На тој начин, Груевски и Ахмети проповедајќи го фиктивното успеваат да го намамат народот да заборави на фактичкото. И додека тие наводно заговараат некакви големи држави,  нивната неспособност не им дава за право ни да раководат со некое село- камоли пак со големи држави. И овие сценарија се повторуваат одново и одново веќе со години, секогаш кога ситуацијата ќе згусне, редовно пред избори и секогаш резултираат со успех.

Во рамките на таа долгогодишна стратегија за спинување на двоецот Груевски-Ахмети е и оваа Платформа. Во овие моменти Република Македонија треба да даде одговор на едно многу суштинско и во основа многу едноставно прашање: дали законот ќе биде над власта или власта ќе биде над законот? И на изборите граѓаните недвосмислено одговорија дека власта треба да се извршува во рамките на Законот, односно законите треба да важат за секого без разлика на која позиција се наоѓа. Политичката криза која трае еве веќе речиси две години не е криза во односите меѓу етничките заедници, туку криза на одговорност на политичарите. Сепак, со многу манипулации (а Платформата е последна во таа низа на манипулации) Груевски и Ахмети успејаа да го изместат тежиштето на кризата: и одеднаш се чини дека во Македонија не е најголем проблем криминалот на власта, не е проблем стагнацијата во евроатлантските процеси, не е проблем крахираната економија, туку проблем се меѓуетничките односи. Ова, пак, е целосна невистина.

Ставајќи свој потпис на оваа Платформа лидерите на новите албански политички субјекти, свесно или несвесно, се ставија себеси во служба на оваа стратегија на Ахмети и Груевски. Евидентно е дека Платформата им даде доволно материјал на оние турбофолк новинари и аналитичари како Миленко Неделковски, Мирка Велиновска и Ристо Никовски. Токму поради Платформата тие сега имаат шанса наголемо да мелат како ова е обид за редефинирање на македонската држава, како ова е обид за создавање на Голема Албанија и како Македонија е жртва на теории за заговор сковани од масоните. И притоа, трубат и дека само ДПМНЕ и Никола Груевски се единствените заштитници на македонштината.

Зачудува со каква леснотија и наивност новите албански партии ја голтнаа јадицата и се уловија во шемата на Груевски и Ахмети. Но, проблемот овде е подлабок. Имено, новите албански партии себеси се профилираат пред се’ како албански партии. Тие не се базираат врз граѓанскиот концепт, туку врз етничкиот. Својот резон за постоење го влечат токму од тоа што сметаат дека ДУИ како претставник на Албанците во Македонија не си ја врши добро својата работа, па му треба замена. Тие не претендираат да станат надетнички политички субјекти, туку нивните амбиции се да станат новите ,,ДУИ’’, односно новиот помал брат во поделбата на власта. За жал, ја пропуштија оваа значајна историска можност и не успејаа да се одделат од гравитацијата на албанството, туку останаа вкоренети во албанскиот етникум. А имаа алтернатива. Во овој период тие требаше да бидат воздржани во своите етнички барања и да се држат фокусирани на она што е суштински важно за секој еден граѓанин на РМ: евроатлантските интеграциски процеси, односно исполнување на Итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе- што пак подразбира враќање на владеењето на правото, продолжување на мандатот на СЈО, ослободување на институциите од партиските стеги и заживување на вистинската либерална демократија во РМ. Ова беше момент за исчекор кон напред во политичкиот развој на државата, но и за стекнување на брза зрелост на новите албански партии. За жал, овој момент не се искористи соодветно. Новите албански партии останаа вкопани во етничките ровови, покажаа незрелост и продолжија да играат според познатата шема на Ахмети и Груевски. А моментот беше баш соодветен за демонстрирање на висока граѓанска свест и голем државнички капацитет. Поради тоа тие воопшто и седнаа на маса за да разговараат и ставија потпис на една таква етничка Платформа. И со тоа го занемарија значењето на историскиот момент и наивно се заплеткаа во лукавата мрежа на Ахмети и Груевски.

Таа нивна наивност наскоро ќе биде злоупотребена од Груевски и Ахмети. Имено, сега вооружен со Платформата во својот џеб, Ахмети ќе има оправдување за својата коалиција со Груевски. Неговото објаснување пред албанскиот електорат ќе биде дека Груевски се согласил на значителен дел од барањата од Платформата, а пак легитимитет на таа платформа дале сите албански партии. На тој начин Ахмети ем ќе си го подобри својот рејтинг (демек ете неговата Платформа доби поддршка од сите Албанци), ем ќе го спаси Груевски од истрагите на СЈО.

Во овие две години се создаде една широка граѓанска коалиција, коалиција која успеа да ги надмине етничките и идеолошките шевови. Во граѓанската коалиција и во протестите на Шарената Револуција видовме обединување на граѓани од различни етникуми и на граѓани од десницата и од левицата и од центарот. Точката на обединувањето меѓу различностите беше волјата за враќање на уставниот поредок. За жал, таа широка граѓанска коалиција барем засега не се рефлектира во коалиција на политичките претставници на граѓаните. Доволно долго време Македонија е земја на договори, прогласи и платформи. Редно време е Македонија да стане држава на институциите, законите и граѓаните. Всушност, договорите се појавија затоа што институциите не функционираа. А политичките договори без институции се сведуваат на една бескрајна шема на договарање. За секој нареден проблем што ќе се појави политичките лидери треба да седнат на маса и да го решаваат како да се некое племенски водачи затоа што институциите не ни функционираат. Крај на таквите бескрајни шеми на преговори и договори е воспоставување на силни и независни институции кои ќе го штитат уставниот поредок и ќе ги гарантираат правата на сите граѓани. Овде ги вклучувам и правата на етничките заедници.

Можеби треба некој да ги потсети креаторите на договори, платформи и прогласи дека ние веќе имаме еден Договор повисок од сите договори, една Платформа поцврста од сите платформи, еден Проглас погласен од сите прогласи- Уставот на Република Македонија. Единствено преку доследно имплементирање на Уставот и законите ќе дојдеме до решение и на тековната политичка криза и на етничките прашања. Се’ друго е дистракција за спас на криминалците.

 

Драган Алчинов

loading...
Close
WpCoderX