Поранешната германска амбасадорка, Штајнакер: Клиентелистичкиот режим на Груевски создаде дисфункционална држава

По десет години владеење на ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, Македонија стана дисфункционална држава, пишува во колумна за Дојче веле, поранешната германска амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер. Дали изборите ќе донесат промена?

 

Поранешната германска амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер неодамна одржа предавање на тема Македонија во рамките на конференцијата посветена на ЈИ Европа. Оваа колумна е извадок од нејзиниот реферат на тема „Опасностите за опстанокот на Македонија од внатре и од надвор“.

Иво Банац во својата книга „Националните прашања во Југославија“ од 1984. година Македонија ја нарекува „најнесреќната провинција во европска Турција“. Британскиот патеписец Патрик Лај Фермор во својата книга „Прекинатиот пат“, која се темели на неговиот дневник воден за време на неговотo патување „пеш“ од Холандија до планината Атос на почетокот на 30-те години, за Македонија пишува: „За овој цел регион, за кој се водат жешки дебати, трите држави (Грција, Југославија и Бугарија во 30-те) тврдат дека е нивен, натпреварувајќи се меѓусебно со беспоштедна омраза.“

Денешната критична состојба на Република Македонија може да се разбере само со земање во предвид на комплексната историја на оваа мала земја во последните сто години.

На територијата на Македонија се преклопувале аспирациите на Грција со нејзината мегаломанска идеја; на Бугарија со нејзиниот концепт за Голема Бугарија следствено на Санстефанскиот мировен договор од 1878 година; на Србија со Начертанието од Илија Гарашанин од 1844 па до Меморандумот на Српската академија на науки од 1986 година и на Албанија со во 1998. година објавената Платформа на Албанската академија на науки.

Етничка, верска и културна хетерогеност

Карактеристично за Македонија на почетокот на 20-тиот век беше голема етничка, верска и културна хетерогеност, како што опишува германскиот географ Леонард Шулце-Јена во своето дело „Македонија, пејсажни и културни слики“ од 1927. година. Структурата на населението оттогаш значително е променета како резултат на војните, протерувањата и бегалските бранови. Бидејќи пописот во 2012-та година беше прекинат, не постојат актуелни податоци за населението во денешна Република Македонија.

Стремежот на македонските бунтовници во првата половина од 20 век кон автономија за цела Македонија бил безуспешен. Османлиското царство ги задуши сите востанија, а Крушевската Република од 1903 година стана мит. Во Балканските војни во 1912 и 1913 година, кои однесоа бројни цивилни жртви, првенствено меѓу муслиманите, Македонија беше поделена меѓу Грција, Србија и Бугарија. Овие граници во глобала се задржани до денес. Сите три држави се обидоа да го асимилираат православното-словенско население. На почетокот на 20-те години, со населувањето на стотици илјади грчки бегалци од Мала Аазија, во основа се промени етничкиот состав на Егејска Македонија (Грција). Последиците од грчката граѓанска војна од 1947 до 1949, по која десетици илјади комунисти, меѓу нив и бројни Македонци кои избегаа од северна Грција, до денес ги оптоваруваат односите со Грција. Грција во 1980-те години дозволи враќање на „Грците“, вклучувајќи и реституција на нивниот имот, но до денес истото им го забранува на „Македонците“, непризнавајќи го македонското малцинство.

Спротивно на Привремената спогодба од 1995 година и наспроти меѓународните посреднички напори, Грција- членка на НАТО и на ЕУ, го блокира процесот на прием на Македонија во членство, непризнавајќи го државното име и претендирајќи на античкото наследство на регионот.

Бугарија во 1991. година меѓу првите држави ја призна независноста на Македонија, но не и постоењето македонска нација и јазик, ниту македонско малцинство. Десетици илјади Македонци во последните години се стекнаа со бугарски пасош.

Српските добри односи со Македонија не се ослободени од некогашните хегемонистички аспирации. Меѓу двете православни цркви се трасира патот за приближување, но Македонската православна црква до денес не е призната поради српскиот отпор.

Официјално добрите односи кон Албанија и Косово се оптоварени со тензиите меѓу македонското мнозинско население и албанското малцинство.

Имплозија пред експлозија

Иако ниеден од овие конфликти не е непосредно опасен по егзистенцијата на државата, во склоп со актуелната криза како последица на злоупотребите на власта извршени од ВМРО- ДПМНЕ од 2008 година во коалиција со албанската ДУИ од една страна и со оглед на напнатостите меѓу Македонците и Албанците од друга страна, македонските аналитичари зборуваат за опасност од имплозија, која може да води кон експлозија.

Денешна Македонија е резултат на процесот на градење држава и нација во последните 70 години, претежно под комунистичко водство. Коминтерната ја призна самостојноста на Македонија во 20-те години. Стандардизирањето на македонскиот јазик од страна на Блаже Конески придонесе за консолидирањето на комунистичката власт во новата Република Македонија.

Втората светска војна на територијата на цела Југославија беше истовремено окупаторска и граѓанска и отвори длабоки рани. По војната, противниците на комунистичката власт и во Македонија беа безмилосно прогонувани. Антикомунистичката дијаспора во САД, Канада и првенствено во Австралија умешно беше користена од страна на ВМРО-ДПМНЕ за сопствена поддршка.

Македонците ја сметаат Република Македонија за своја национална држава, во која постојат малцинства, во прв ред албанското, најбројно и кое е претежно од муслиманска вера. Во 70-те и во 80-те години Македонците (како и Србите) со загриженост го следеа бројното нараснување на Албанците. Конфликтот ескалираше со спорот околу универзитет на албански јазик. Многумина Македонци реагираа речиси панично на косовскиот конфликт од 1998/1999 година и на албанските бегалци за време на НАТО-бомбардирањата во 1999 година. До денес се во оптек гласините дека бројни Албанци тогаш не се вратиле во Косово, а подоцна добиле македонски пасоши. А до денес бројни Албанци се сметаат за граѓани од втор ред, без оглед на учеството на албанските партии во владата и основањето на универзитет на албански јазик во Тетово. Охридскиот договор од август 2001 година, склучен по краткотрајниот насилен албански бунт, кој меѓународната заедница го фали како голем успех во смирувањето на конфликтот, Албанците го оценуваат за недоволен, а Македонците за дрскост зашто на Албанците им овозможува право на вето во многу прашања.

Само мал број Македонци и Албанци до денес се сметаат себе си во прв ред за македонски граѓани, независно од етничката или религиозната припадност. Интегративната образовна политика поддржувана од ОБСЕ, ЕУ и САД доживеа неуспех. Учењето македонски јазик меѓу Албанците назадува, а бројот на Македонци кои учат албански јазик е занемарувачки мал. Честите кавги во врска со именувањето на училиштата, за употребата на албанскиот јазик во управата и пред судовите се само симптоми на длабокиот јаз во општеството. Албанија и Косово, при целото истакнување на добрососедските односи, се нешто повеќе отколку неинволвирани набљудувачи. Во перцепцијата на Македонците, најголемата опасност по опстанокот на државата доаѓа од албанските барања за бинационална држава.

Узурпација на партијата и на државата

Во вакви околности власта во 2006 година ја презеде ВМРО ДПМНЕ, наводно национал-конзервативна и економско-либерална партија, која во 2006 и 2008 година, дискредитирајќи ја тогаш коруптивната СДСМ, наследничка партија на комунистите, убедливо ја победи.

Од 2008 година во коалиција со ДУИ, најголемата албанска партија произлезена по албанскиот бунт во 2001 година, водечкиот круг млади луѓе од ВМРО- ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, кој важеше за ефективен технократ, ја узурпираше прво партијата, а потоа и државата со нејзините институции воспоставувајќи клиентелистички режим.

Видлив израз е проект „Скопје 2014“, барокно – античко преуредување со кое се присвојува античката, средновековната и поновата историја на регионот, се врши реконструирање на историјата што соседните држави го чувствуваат како провокација, и се исклучува албанското население.

По десет години владеење на ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, Македонија стана дисфункционална држава, а ВМРО-ДПМНЕ една од најбогатите партии во Европа.

Размерите на манипулација и на злоупотребите на власта и слабеењето на цивилното општество излегоа на виделина во скандалот со прислушувањето во 2015 година. Внатрешнополитичката криза меѓутоа постои уште од многу порано. Таа датира и од пред насилното исфрлање на опозицијата од парламентот на 24.12.2012 година, кое претставува сепак пресвртна точка.

Недоволната реакција на меѓународната заедница, репрезентирана првенствено преку ЕУ, со оглед што Македонија од 2005 година е кандидатка за членство во Унијата, и на САД, може да се разбере само со придавањето приоритет на „стабилноста“ на регионот по секоја цена. Тоа важи дотолку повеќе, што Македонија во т.н. бегалска криза игра „конструктивна“ улога.

Прашање е дали со претстојните избори може да се издејствува промена. ВМРО- ДПМНЕ, со оглед на контролата врз управата и судството, секако ќе остане најсилна партија. Без масивен притисок однадвор демократијата и правната држава во Македонија речиси немаат никаква шанса.

loading...
Close
WpCoderX