loading...

300 Спартанци на ЦИВИЛ набљудуваа повеќе од 16 часа

300 Спартанци на ЦИВИЛ набљудуваа повеќе од 16 часа денеска. Набљудуваа ден на гласање исполнет со извонредно голем број нерегуларности кои беа последица на долгогодишно структурно насилство, политичка корупција и отсуство на владеење на правото.


Соопштение на ЦИВИЛ, 11 декември 2016, 23:15 часот

Набљудувањето на ЦИВИЛ, без оглед на изборниот резултат од денешното гласање, ќе биде важен документ за тоа што се случуваше и што се случува со македонското општество и со системот.

Затоа, аналитичкиот тим на ЦИВИЛ ќе продолжи вредно да ги прибира и систематизира податоците и извештаите од теренот.

Над 650 извештаи за најмалку една категорија на изборни нерегуларности пристигнаа од набљудувачите на ЦИВИЛ од теренот, додека телефонските повици ја надминаа бројката од 1,000.

Катастрофалната состојба на Избирачкиот список оневозможи голем број граѓанки и граѓани да го остварат своето гласачко право. Фантоми и починати лица гласаа, а живи луѓе не можеа да гласаат. ДИК не успеа да им го овозможи правото на глас на сите граѓанки и граѓани.

Изборниот молк се кршеше непрекинато.

Притисоци, уцени, полнење на кутии, семејно и групно гласање и поткуп на гласачи беа регистрирани во сите краишта на земјата.

Нотирани се преку 30 случаи на попречување на работата на набљудувачите на ЦИВИЛ, повеќе од двојно повеќе отколку на претходните избори.

Во еден случај имавме закана по животот на наша набљудувачка, во еден случај беше физички спречен да му пријде на избирачко место, а во еден случај, во Аеродром, наш набљудувач беше бесправно лишен од слобода од неовластени лица и беше ослободен по интервенција на полицијата.

Пофалби за македонската полиција која за првпат покажа високо ниво на професионализам во голем број случаи.

Со прелиминарен извештај и оценки за изборниот процес, ЦИВИЛ ќе се појави утре.

Им благодариме на сите што имаа доверба и го поддржаа ЦИВИЛ во текот на целиот изборен процес, а особено на денешниот долг и напнат ден.

loading...
Close
WpCoderX