loading...

Жерновски кога ќе порасне сака да биде Груевски: Нова боемска улица двојно поскапа од веќе постоечката

Вториот дел од Боемската улица во скопско Дебар Маало чини над 200.000 евра поскапо од првиот дел пуштен пред две години, односно скоро 710.000 евра. Боемска 2, како што веќе ја нарекуваат скопјани, в петок свечено ќе ја пуштат во употреба бардот на српската страроградската музика Звонко Богдан придружуван од „Седум тамбураши“, плус Нино Величковски и „Наши тамбураши“.
Но Општина Центар на чело со градоначалникот Андреј Жерновски не кажува колку пари ќе бидат платени тамбурашите за отворањето на улицата, оти ќе биле платени со спонзори.

„За нивниот ангажман, Општина Центар не ангажира дополнителни средства од сопствениот буџет. Кај повеќе фирми имаше голема заинтересираност да го поддржат овој спектакл поради самиот дух и амбиентот на настанот. Генерални поддржувачи се Пивара Скопје и ‘Тиквеш’“, изјавија од Општината.


Српските тамбураши доаѓаат за да отворат улица долга 270 метри, односно делот од улицата Орце Николов до дворот на Градежен факултет (Фото: Ѓ. Личовски)
Српските тамбураши доаѓаат за да отворат улица долга 270 метри, односно делот од улицата Орце Николов до дворот на Градежен факултет. На овој простор Општина Центар постави гранитни плочки, нова атмосферска канализација, ги стави под земја каблите кои висеа над улицата, и постави ново осветлување со украсни канделабри.
За 12.000 евра без ДДВ на улицата ќе биде засаден дрворед од 18 нови костени.

 

Боемска 2, според договор објавен на Биро за јавни набавки на 29 март годинава, чини 43.632.737,00 или 709.475 евра. Договорот Општина Центар го склучила со Друштво за производство, услуги и трговија КРИН КГ – ДОО – увоз – извоз Прилеп за партерно уредување, реконструкција на коловоз и изведба на атмосферска канализација на улица Радњанска од улица Костурски херои до улица Орце Николов, односно продолжението на Боемска улица. Уредени се 270 метри во должина, односно 4.000 квадратни метри, според општинарите.

И Боемска 2, ќе биде забранета за паркирање и на неа ќе се воведе посебен сообраќаен режим. Нема да биде целосно пешачка зона поради потребата за дотур на стока во кафеаните и пристап за жителите.

Првиот дел од Боемската улица, улицата Ѓорги Пешков, беше пуштена во употреба 2014 година. Тогаш скопјани ги забавуваа само локални тамбураши. Изградбата на првиот дел од Боемска улица Општина Центар ја чинеше 23.949.505 денари, за што градоначалникот Андреј Жерновски доби остри критики од жителите дека го направил најскапото поплочување во историјата на Скопје со близу половина милион евра за нови плочки.
Општината пред две години, кога беше пуштен во употреба првиот дел од Боемска улица, се правдаше дека за тие пари се уредени вкупно 2.700 квадратни метри како дел од уредувањето на Боемска улица, од кои 1.500 квадратни метри се на улицата Ѓорги Пешков, а останатиот дел од квадратурата отпаѓа на уредување пристапи и тротоари до новата улица.
За споредба тогаш скопјани ја посочија улицата Никола Вапцаров, која води до Плоштад Македонија, за чие уредување беа потрошени 180.000 евра.
Извор: СДК
Close
WpCoderX